Дваесет години ми требаа да ја заљубам
дупкава среде пустелија.
Памучните топки ширеа бел пламен
и имаше некој зол ветер во кипарисите
дури за првпат не ги видов,
со правично око,
простите куќи под кров од облаци,
дури не го чув
прекрасниот џагор на улицата.
Последниот шепот искажан од брановите асфалт
се смеша
со пукотот на ноќта врз земјата,
како гласот на заборавена жена кој ја издал
та ја кажал вистината што таа сакала
во лицето да си ја скрие.
Декади трошење и абење
ги научија децата да ја милуваат водата во каменот,
да пловат книжни бротчиња во вирови со апсурдна надеж.
Циркуското минато на девојките цутеше во вртеж на фустанче
кога опулот на толпата ќе пресечеше низ него.
Само местата без љубов се достојни за безусловна љубов.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски