Сега, кога го изгуби помнењето
и веќе можеш само беспомошно да се насмевнуваш
би сакал да ти помогнам – сепак некогаш
токму ти, како демиург, ја отвори мојата фантазија.
Се сеќавам на нашите патешествија, волнени облаци
пловејќи ниско над влажната шума во планините,
(во таа шума го знаеше секое патче), исто и
летниот ден кога се искачивме на врвот
од високиот морски светилник на Балтикот
и долго гледавме на бескрајното бранување на морето,
неговите бели плетки разресени како нитки за плетење.
Нема да го заборавам тој миг, мислам, дека и ти беше тогаш
трогнат – се причинуваше како да го гледаме сиот свет,
безграничен, дишејќи спокојно, син, совршен,
изразит и маглив истовремено, близок и далечен;
ја чувствувавме тркалезноста на оваа планета, слушавме галеби
заиграни во забавно летање
сред топлите и ладните воздушни струи.
Не умеам да ти помогнам, имам само едно памтење.

Превод од полски јазик Звонко Димоски