Пола Модерсон – Бекер на Рајнер Марија Рилке
2 ноември 1908

Рајнер, драг пријателе, грешиш.
Не сум дух.
Не сум осамена сенка што те следи.
Твојата фантазија,
вината, каењето се тие што ме творат.
Постанав најчистиот дел од себеси.
Некогаш поминавме толку ноќи заедно –
никогаш не нé фати сон.
Зборувавме за смртта и Толстој и Бог –
проткаена во тоа сето беше љубов.
Ме праша дали верувам –
Рече: „Можам да те сакам
Само ако веруваш во Бога“.
Мртва сум сега и можам да ти кажам
дека живите не можат вистински да го знаат Бог.
Мора прво да умреш.
*
Ова е автопортрет кој никогаш не ќе може да е насликан.
Дури и моиве зборови не доспеваат до тебе сега.
Сакам да ти кажам дека ангелите не се она што мислиш.
А јас?
Јас сум ситна, но сепак ширна,
Пламната во светлина, но сепак полна мрак –
Веќе не можам да ти помогнам.
Ти си тој што мора да се ослободи од мене.
Ти, кој мора да се вратиш –
Да се вратиш кај живите.
Превод: Ана Топенчарова Коваческа