јас сум роден во падот на авионот кој се урива
четириесет и седум секунди после полетувањето
јас сум роден во лизганиците во излезите на патиштата
во вртимушките бурињата во карамбол
јас сум роден во нафтените дамки
во протекувањето на гас
во враќањето на огнот
и рикошетирањето на митралезите
јас сум роден на токсичен кауч
и на тераси кои се уриваат
сред растопувањето на осигурувачите
во еден хемиски пожар
со сателит кој паѓа
еден кран кој се ниша
излетувањето на возовите од шините
лизгањето на земјиштето
преклопувањето на столбовите
пукањето на цевките
и на терасата одвоена во висините на облакодерот
во кошницата која се откачува при полн лет на рингишпилот
скелето кое попушта
лифтот кој се урнува
дојдов на овој свет заради дефект во премeстување на шините
грешка во интерпункција на инструкциите за употреба
грешка во програмирањето
еден задоцнет сигнал
јас сум наследник на кобниците
што го обликувал духот на катастрофата
чист производ на мрачните сништа
кои се множат во мозокот на еден град
јас сум роден при губење на балансот
една ненадејна штета
јас сум роден во танцот на расипаните машини
металните дефекти на смртта
формирајќи го исходот на едно мрачно предење
на цивилизациите кои во нивни раце
нè притискаат до задушување
како дедо морфинист или посесивна мајка

Превод од француски јазик Надица Николоска