Во посмртниците на Ослободување
откривам дека умрела Ф.

Беше најубавата девојка на сараевскиот
Филозофски факултет, генерација 1974.
Мојот цимер во студентскиот дом
Пиеше ден и ноќ поради неа,
но таа еднаш ми кажа
„Ти мене повеќе ми се допаѓаш”

Немаше љубов меѓу нас.
Еднаш ја галев
во Вилсоновото шеталиште, на засенчена клупа
Ме праша:„Ќе ми посветиш ли песна?”
„Кога би имал талент” одговорив,
„на твоите нозе со задоволство би им посветил сонет
Зашто врвниот склад бара
совршена форма”

Таа радосно се кикотеше.
Не ја видов повеќе од триесет години
Слушнав дека имала неколку
Неуспешни бракови. Кутро дете
Никнато и заминато во времињата на страдања и болка.

Сношти размислував за римуваната форма
Но сѐ што успеав да начкртам
се овие неповрзани реченици
Кои се римуваат со земја
Кои се римуваат со трева.

Превод од босански јазик Игор Исаковски