ние не знаеме зошто пред оловната уста на канализациониот отвор
гледавме како се врти сивата супа на летните порои
следејќи го концентричното движење до мистично зашеметување

ние ги насочувавме нашите танци кон непознатите шопинг галерии
во засмрдениот простор на празните продавници со прстите
приклештени врз временските картички
со јазик на друид кој тече како бршлен по гипсот и тулите
зад железните завеси го молевме ветрот кој стенкаше зад вратите
да ни ја открие трагата на последните космички бради

чадорите паричниците напуштените парчиња ткаенина
за нас се како наплив на искинати лилјаци
и ги откриваме кај пациентите хиерофанти последните мисли
што големите куфери со искршени вилици ги оставаат да избегаат
првите минувачи нè наоѓаат заспани
како избегани сираци под една липа
пијани од тешката земја и дождот
светкајќи сѐ уште со еден мал сјај

ние имаме вкус на пепелта од бесплатните весници и ресторантски
менија
прирачници на дваесет и осум јазици за миксери и ротирачки печки
што ги гориме со надеж дека ќе ги најдеме светите хоризонти
меѓу соништата од густ чад

Превод од француски јазик Надица Николоска