На прошетка низ овој Сук.
Боите се излеваат.
Таванот од ветрови ја попречува светлината
но не и нејзиниот мирис.
„Welcome! Welcome!“ тукушто развиениот,
длабок глас на едно момче вели „V“ наместо „W”.
„Благ чај за вас, госпоѓо?“
Шеќерот во чајот предизвикува промена во индексот на рефракција,
и наполни една чаша налик лејка со Безијеови криви,
која ја отпушта мојата врзана коса.
Падна од марамата како вага
која ја мери тежината на бадемите.
Како само ме заведува овој град.
Дамаск, ти кој со сладолед од ф’стак не ги пушташе патниците да си заминат,
толку брзо си ја изгубил својата функција.
Тоа попладне кога барав разгледници,
дали веќе постоеше знакот за твоето уназадување?
Каде ли го напуштиле нормалниот превоз
кој носеше Цитроени?
Празна берберница.
Вечерен езан**.
И јас покажувам знаци на уназадување,
не знам каде да одам оттука.
Оган ја опколува ноќната територија,
огнот кој го изгоре живото тело.
Превод: Никола Ѓелинчески

* Најголемиот и најважниот пазар на отворено во Сирија
**Повик за молитва во исламот