Првата приспивна песна за мојата генерација

1.
Плачи, плачи, оти ќе ти купам пластично срце,
сребреникав и чист бајпас, минијатурен рентген апарат,
минијатурен апарат за зрачење со кобалт, скалпел.

Плачи, плачи, под темелот на куќата за тебе кријам купишта дрвени апчиња, делфин, опашка од слон, три еребици и дијамантска гуска.

Плачи, плачи оти ќе ти дадам мала маска од бубачки, еден Молотов коктел,
оснежена тигрова кожа закрпена со самур, пресечен прст, митралез, мрсна овошка,
износена пижама, главица кромид, мајмунска нога, шепа од носорог

мало ракче насликано на обетка, баш несреќа: токму така.
Плачи, плачи, насекаде ќе се зајмам и ќе ти купам убаво перче од камилски влакна, бубрег, џигер, три доктори кои
ќе те оперираат од полипи на потколеницата.
Плачи, плачи, ќе се разболеш од рак, ќе јадеш, цијанид, ќе пиеш,
цијанид, ќе дишеш, цијанид, ќе повраќаш, цијанид, ќе купуваш билети за театар,

за родео, за балет. Ќе одиме на опера и на кино. Ќе пукнеш, твоето срце
ќе пукне.
Плачи, плачи, еден милион мртовечки сандаци може да се соберат токму во 162 страници од книга,

еден милион мртовци ги собира во мојот ум, ќе ги купам, ќе ја купам за тебе.
Плачи, плачи, ќе ти купам еден претседател, еден парламент, едно училиште, асфалт

по кој ќе газиш, ќе ти купам патишта на кои ќе газиш на асфалт
на кои ќе одиш на лекар, на кои ќе ти мирисаат нозете,
ќе ти купам ливада само за тебе на која ќе одгледуваш диви авиони,
да ја кротиш смртта, плачи, плачи ќе ти ја купам смртта за да се искачиш на неа, да патуваш со неа, да ја именуваш, да ја наречеш:
Мирабела.

2.
Овој е Супермен, ова е зборот уживање, целосен,
вертикален. Овој е историја, оваа е меморија, овој е фалшивиот
и фалшива примена.

Ова сме ние, ова се другите, ова се тие кои убиваат.
Ова е Франција, онаму е Медитеранското Море, онаму е Англија, Германија,
САД и Русија, Кина и Северна Кореја.

Сите овие се врзани, се идентификувани, меѓусебе поврзани, зборуваме за гнев.
Погледај внимателно и зад секој од нив ќе ја видиш: смртта.
Ова е сварено јајце, ракавица, килибар, мртов јазик,

учебник по хемија, тетивата, клучната коска, печатот, слободниот печат, окупираниот печат, пресата за месо, пресата за грозјето, пресата. Гледај внимателно
и ќе ја видиш: смртта.

Ова се гробиштата, ова се тие кои ги оплакуваат гробиштата,
ова се тие кои ги ослободуваат гробиштата. Стој!
Не мрдај. Ставив рака на твоето рамо. Гледај внимателно:

Превод од романски јазик Димо Н. Димчев