Ова е за тебе,
за да бидеш поголема и поубава
и почесна,
што си го пресеков срцето на две,
како копито на јагне.
Крадев и лажев, искашлував крв.
Миев трупови
и спиев на пластични ќеси
полни со ѓубре најдено по корпите,
по улици кои сѐ уште чуваат
нож во раката, спиев,
помеѓу крлушките на старите питачи на градот,
кои, во твоја чест, си ја оставија да расте
брадата сè до глуждовите,
како старите Сумери
заминати во лов на лавови за нивните љубени.
За тебе оставав да ме измачуваат
полноќните гангстери,
покрај тебе плачев кога ја гребеше земјата
со твоите нокти, како коњ со откорнати очи,
плачев, како некој самоубиец
на кого возот му ги загрева нозете.
Живеев помеѓу децата на улицата
кои вдишуваат лепак, бледи ‘ко мртовци
како неколкуте големи камења нишани
од нишките на етерот,
што ситото ги испревртува во дробилката,
низ канализацијата.
Заради тебе рикав на раскрсницата, исправена
— врз патиштата оптегната —
во уличките на макроата.
Оставив да ме крадат крадците, шемаџиите,
во џагорот на лажиците големи како лопати,
кои ѕвечкаат во чиниите.
Лутав низ кафулињата
кои мирисаат на гас, на прегорен чип, мрежа,
се триев од пирамидите со водка
од рацете на големите мажи
—како мачка која се трие од прирачникот за струја —,
тие ми го вцрвија и другиот образ,
без престан нивните прсти ми ги удираа ребрата
и ми го пресекоа срцето на четири,
смеејќи се „зашто аурите на светците се такви”,
и ме поминаа низ сито и решето
истовремено како и твоите други деца,
ме зачепија со други зборови.
Во твое име, се криев, како ѓубре,
во моите џебови, помеѓу каишите за кучиња,
помеѓу енергичните стаорци на предавството.
Хранев, со моето тело
го хранев питбулот од занданата.
Плачев, кога ти ја гребеше земјата со ноктите,
како коњ со откорнати очи.
Да, заради тебе насила влегов во овој свет
како бран од крв
кој не го наоѓа повеќе патот кон срцето.
Превод: Надица Николоска