Чиниш живеев
зад самиот миг
инаетливо продолжував
ја пропуштав неговата севкупна присутност.
чекрек од сидро што се одмотува брзо
ѕвечка синџирот. смеа
две вреќи фрлени на пристаништето.
барав непознат
а сепак добропознат звук
среде зарипнатите гласови, громогласен ил тивок
може ли едно прашање да отвори порти?
неколку улици потаму
в осама од вревата одзади
остана движење на рака
врежано во излогот на кафетеријата.