Кога небото го заклопува капакот и ноќта го поткупува денот
излегуваат од темнината ѕвездите со чевлички на хористка.
Сето она што ми стои на врвот на јазикот
ја влажни плунката со која го изговарам стихов.
Израсток, санта мраз, туѓото тело во школката,
нивниот измет ги ѓубри сите мои пасишта.
Сè што би можела да ти речам
би ти го кажала на јазикот кој не го разбираш.
Тело полно пештери си ги полни моторите,
и прераскажано ја подзапира својата песна.
Мојот јазик е кум на руменилото во овие песни
само за никогаш да не можеш да ги прочиташ ти.
Мојот финистерски** јазик, жолтевка која го гребе грлото,
најжилавиот од осумте зовриени пипци.
Мемориска картичка исполнета до крај,
медената смоква која се јаде само оти не скапува.
Мојот јазик ко сламена наметка во центарот на Менхетен,
камена колонада каде ниедна река не поминува,
кипа која темнее и расте и расте врз нивните глави,
прстот на црна божица вперен во нас одозгора.
Мојот јазик е еретикот на кој се угледува маченикот, тоа место на твоето тело од кое
се плашиш.
Без трошка срам на снимка, ќе ја задржев раката
но сега одам на сè или ништо,
види каков ас, штом отворам уста не промашувам.
Тие грчевити зборови,
тие далечни зборови,
тие кои никогаш не ќе ги прочиташ,
орбитални се оти се мои, мое е
ова овде, мое, како што е мој овој јазик.
Мој.
Превод: Никола Ѓелинчески
* Победникот зема се‘ (анг.)
** ‘Ртот Финистере е полуостров на западниот дел од Галиција. Во римско време се верувало дека таму е крајот на светот, како што посочува името кое доаѓа од латински. (Заб. на прев.)