Целиот свој живот
во твои раце го предадов
а ти го зграбуваш
небаре е глина за моделирање
и се занесуваш како дете во градинка

И ова лето
стискам заби да не офнам
и се правам дека не ја забележувам
твојата груба немарност

За да немам време да размислувам
за децениските грешки на нашето племе –
продолжувам згрбавено да исправам
груби грешки во туѓи писанија
– небаре корнам лоши треви
како аргат на туѓа нива

Уште малку, си велам
И за да го збунам времето
за правење сопствени грешки
се убедувам дека имам добра утеха
– згора на тоа, и материјално покриена
за сопственото непишување