Што да правиме со поетите?
Животот не им е лесен
изгледаат толку бедно така облечени во црно
козата им е модра од внатрешни меќави

Поезијата е ужасна болест
заразените одат наоколу и се жалат
нивните извици ја загадуваат атмосферата како истекувања
од ментални нуклеарки. Тоа е толку психотично.
Поезијата е тиранин
таа ги држи луѓето будни навечер и уништува бракови
ги одвлечкува сред зима во напуштените викендички
тука седат потиснати од болка со штитници за уши и дебели шалови.
Каква тортура.
Поезијата е пакост
полоша од гонорејата, ужасна епидемија.
Но помислете на поетите, ним им е тешко
имајте разбирање за нив!
Хистерични се како трудници што треба да родат близнаци,
чкрипат со забите во сон, јадат земја
и трева. Стојат со часови надвор на ветрот што завива
измачувани од несфатливи метафори.
За нив секој ден е празник.

Ве молам, смилувајте им се на поетите,
Тие се глуви и слепи,
помогнете им на пешачки додека се тетерават
со нивниот невидлив хендикеп: тие се сеќаваат
на сè и сешто. Одвреме навреме еден од нив ќе застане
и од далеку ја слуша сирената на итна помош.
Имајте разбирање за нив.

Поетите се како душевно болни деца
избркани од дома од целото семејство.
Молете се за нив
тие се родени несреќни
нивните мајки плачеле над нив,
барале помош од доктори и адвокати,
додека не се откажале
за да го спасат својот разум.
Ох, плачете за поетите!

Нема спас за нив.
Обележани од поезијата како со тајна лепра
тие се затворени во својот свет на фантазии
во мрачно гето, полно демони
и зли духови.

Кога на еден јасен, од сонцето осветлен летен ден
ќе здогледаш сиромав поет
како излегува од зградата, мртовечки блед
и разобличен од силното размислување
пријди му и помогни му.
Врзи му ги врвките, одведи го до парк
и седни го на клупа
на сонце. Запеј му нешто
купи му сладолед и раскази му некоја приказна
бидејќи е толку тажен.
Поезијата целосно го уништила.