ВЕНЧАЊЕ

Ако те заведе свадбеното ехо на поетот
Не ќе го најдеш него
крај родното огниште пепел да мери
Чекорот на поетот е додаден
за замореното време
Мојава душа маска нема
Затоа с# ме прозре и осаменост на душава
во далечина ми се навлече Од моиве очи
роди очи
безболно да го гледаат светот
Само една ноќ за нашата душа
раѓа сонцето и срце во кое
си ги одмеруваме силите на љубовта
Сахарин горчлив е поетот Марија
Јас ко гладијатор на државен празник
инаку не се собираат луѓето да го слушаат поетот
освен сиромашните кои празнуваат
со цвет и парола за иднината
ним чулата им се запечатени
зашто уште една песна за она што им е тајна
им треба за да станат пена на животот
Јас ним најубав говор за љубовта би им одржал
А вака се венчуваме сами Не ни требаат
смртни дарови Мираз песната прстенот
верноста и страдањата ни се Во ноќта нашите очи
отаде ноќта
очи на денот стануваат
Народот море на копното
зборува она што сака да биде Од ниедно бојно поле
Историјата
што се насмевнува како лутиче во слобода
ни парец не му донесе на поетот
Марија, ене веслачи на кои
веселоста на дното им скапува
и веслачите со тажни очи веслаат со нашата
свадбена вест по клисурата кон Река
а таму Марија по нивчиња осамени и камени
убави моми плеват жито од зли треви а
Возачот што ги вози болните на времето
бесплатно ги вози момите до градот
Градот што не ја поднесува свежината на цветот
а ко демон тагува за планината
Тишино на нашето венчање
држи ни го духот во цврста заклетва Олтар
на моето дишење
со порите на твојата кожа О градови
што не ја познавате нашата љубов на векот
ви проштеваме
Марија
ние не сме убави од храна. Од непослушности
во детството казнувани Ние сме поубави и од бајка
Мускуливе на телото затегнати ми се
како жиците на харфа Ставено ни е
срцето како камен врз харфата Место подарок
за нашето венчање потсмев ќе ни испраќаат
и ко богомолки ќе љубоморат
Природата потајни мапи има
и штом сред некое горчливо скитање
ќе треба да го родиш нашиот син
со пет прста ќе го довикам морето
Првата слика што треба да ја види нашето дете.