Јас сум еден стар, распартален лав
кој заталкал на некој христијански плоштад
сиот растреперен од древните лиени ѕвона.
Шепите ме болат од калдрмата.
Чекорам стамено, главата крената
гордо, ја мирисам крвта на кралот.
Граѓаните може да видат сал минотаур во лавиринт.
Знам повеќе од лав што треба да знае.
Мојот рик оди назад кон Серенгети,
Кога саваната беше скоравен мраз,
Но сега тој плаши гулаби во градски гулабарник.
Си мислат му ги знаат браздите и граматиката на умот.
Не прашувајте ме од каде ги знам знаците изгравирани
на сончевиот часовник, скришни икони отаде погледот.
Камо среќа нивните злочини да не ме следеа довде.
Им го слушам аплаузот во прашливата тврдина.
Знам колку тешко е да се припитоми змијата,
тркалото, лакот и спиналната анестезија.
Еднаш си бев леопард крај камена ограда.
Гатанка сум што треба да се погоди. Сум
ама и не сум. Кога ме гледаат нивните очи
станувам нешто што лошо се цени.
Кружам по паркот. Гладта ми го обликува
острото сетило за мирис, цел живот пред мене.
Ќе ги следат трагите од моите шепи
сè дури не се загубат во снегот на самрак.
Ако се движам во круг, на сенката ќе ѝ се скријам.
Прават заговор со ѕвездите за да откријат кај сум.
Блудна сум птица наперчена на врвот
Од стражарницата. Имам порака
за судбината. Сочевината ми ги покажа
пушките и нивните прекрасни смртоносни синови.
Превод: Зоран Анчевски