Линда Клакен е родена во 1979 година во Алесунд, гратче на западниот брег на Норвешка. Таа е писателка и новинарка. Писателската кариера ја започнува во средината на нејзините дваесетти, кога била примена во престижната школа за пишување „Skrivekunstakademiet“ во Берген во 2003 година. Откако била објавена во низа поетски антологии, таа ја пишува првата книга, патнички документарец Последниот битник како омаж на Лоренс Ферлингети, американскиот поет и издавач од Сан Франциско. Нејзината прва поетска збирка била објавена од издавачката куќа Флам во 2013 година. Мајка, сопруга, робинка (Mamma, kone, slave) ја сметаат за една од најдобрите книги за 2013 според неколку весници и книжевни критичари, и е опишана како „песни кои опишуваат како да си хомосексуална, пролетаријатска мајка на мали деца во пост-милениумска Норвешка“.
Нејзината втора книга Заврши ја книгата за твојот живот (Skriv ferdig boka om livet ditt) беше објавена во 2014. Нејзината најскорешна поетска збирка Осум минути (Åtte minutter) беше објавена во 2016 година. Освен тоа, Клакен е добитник на Министерската стипендија на Нордискиот совет за писатели во 2005 и 2006 во Гетеборг. Нејзината поезија е дел од голем број изложби, како на пример збирката Мартин Тебус во Музејот на уметност во Трондхајм и галериите во Осло. Во август 2017 Линда Клакен ќе ја објави нејзината прва детска белетристичка книга Просто, просто срце (Dumme, dumme hjarte).