Алекс Сковрон е роден во Полска во 1948 година. Краток период живеел во Израел, а потоа емигрирал во Австралија во 1958 година. Од раните седумдесетти години од минатиот век работел како уредник за најразлични издавачи во Мелбурн и во Сиднеј, во консултативна област, како и во детски, трговски и книжевни области.
Поезијата на Сковрон е објавувана во многу списанија и антологии во Австралија и преку Океанот. Неговите досегаши збирки се: Преместувањето (1988 г.), Белешки од ракав (1992 г.), Бескраен град (1999 г.), Човекот и картата (2003 г.), Автограми (книга со песни во проза, 2008 г.), и Кон Екваторот: Нови и избрани песни (2014 г.), која влезе во потесниот круг за Премиерските книжевни награди во 2015 година. Други награди со кои се закитил се: поетската награда Весли Мишел Рајт (двапати), поетската награда Џон Шо Нилсон (двапати), поетската награда Аустралиан Бук Ривју (2007 г.), и, за неговата прва збирка, наградите Ен Елдер и Мери Гилмор.
Неговата новела, Поетот (2005 г.) ја подели наградата (со Кејт Гренвил) на Здружението на австралиски писатели Кристина Стед за прозно дело; новелата е преведена на чешки јазик под наслов Básník (2014 г.). Таванот, збирка од неговата поезија, Жак Ранкур ја преведе на француски, а ПЕН Мелбурн ја објави во 2013 г.; исто така, двојазично издание со кинески превод во серијата Флаинг Ајленд (Макао) е на пат. Дел од неговата поезија е преведена на холандски, германски, полски, српски и шпански јазик. Збирката кратки раскази Човекот кој си се приврза за креветот ќе биде објавена од Панчер и Вотман во 2017 година.