Алма Папамихали е пoзната како една од омилените лирски поети од албанската современа литература. Родена во семејство кое ја негува уметноста, посебно музиката. За неа, како поетеса, музиката игра значајна улога и со години ја придружува нејзината поезија. Во нејзините стихови ја третира љубовта сосема поинаку, како доказ за човековото постоење и благосостојба.

Веќе неколку години живее во Германија и има објавено две книги поезија — “Под звуците на ноќта” (2007) и “Наивна миграција” (2009), а нејзините песни се дел од неколку антологии. Животот како емигрант оставил големо влијание врз нејзината поезија и ја поттикнал да отвори училиште за албански јазик („Илирија“) за децата родени во дијаспората. Во исто време е и член на Друштвото на ликовни уметници и писатели во Германија.