По кусата музичка кариера, Фиона Сампсон (р.1968) го продолжила своето образование на универзитетите во Оксфорд и Нијмеген, при што на вториов се стекнала со титулата доктор по философија на јазикот. Добитник е на бројни стипендии и награди и редовно пишува за проблемот со здравството во весниците The Guardian, The Irish Times, и The Liberal, а пишува и за бројни книжевни изданија. Работи како главен и одговорен уредник на стогодишното британско списание за поезија, Poetry Review. Има издадено четиринаесет книги поезија, како и книги на теми од философијата на јазикот и теоријата на креативното пишување. Во нејзините понови изданија се вбројуваат Молитвеник (2007), во потесен избор за наградата Т.С.Елиот и збирката есеи За слушањето (2007).