Родена во Велес на 11. 12. 1951 година, поет, литературен теоретичар, критичар, есеист, препејувач, антологичар. Член е на МАНУ и секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука. Има завршено Филозофско-историски факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Докторирала на Филозофскиот факултет во Загреб на тема: Одлики на лириката. Работи на Филолошкиот факултет во Скопје. Една година работела при Лекторатот по македонски јазик и литература на ИНАЛКО во Париз. Била претседател на Македонскиот ПЕН-центар. Во есејот Пред поезијата на Катица Ќулавкова, акад. М. Матевски сублимно забележува: Носејќи во себе импресивен квантум на информации, знаења и сознанија од една богата лектира во широк интелектуален и мисловен историско-географски и културен распон, со сигурни фундаменти во естетиката, поетиката и лингвистиката, врз разградениот стандарден јазик, синтакса и структура на песната Катица Ќулавкова не продолжува да урива и брише, туку ја остварува и потврдува својата концепција на лиризмот, својата творечка постапка, своето начело на еден говор на созвучност, на виша речитост во која кореспондираат звукот и значењето…, својата лична и нетипична претстава на светот и човекот. Дела.: Благовести, поезија, 1975; Акт, поезија, 1978; Нашиот согласник, поезија, 1981; Нова пот, поезија, 1984; Фигуративниот говор и македонската поезија, студии, 1984; Невралгични места – Неуралгич на места, двојазично издание, Вршац, поезија, 1986; Стапка и отстапка, огледи и критики, 1987; Дива мисла, поезија, избор, 1989; Жедби, престапни песни, поезија, 1989; Друго време, поетска проза, 1989; Копнеж по систем, студии и критики, 1992; Домино, поезија, 1993; Потход и исход, критики, 1996; Изгон на злото, поезија, 1997; Камен искушител, критики, 1997; Теорија на книжевноста, 1999; Македонскиот есеј, 2000; Меѓусвет, поезија, 2000; Херменевтика и поетика, хрестоматија, 2003.