Кристина Тот е една од најреномираните унгарски писатели. Добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградите
„Грејвз” (1996), „Дери Тибор” (1996), „Јожеф Атила” (2000), а нејзината поезија и проза е преведена на многу јазици. Нејзините песни имаат силна врска со разни унгарски и европски поетски традиции (преведува француска поезија),
и нивниот карактеристичен белег е суптилниот спој на моќни визуелни елементи, интелектуална мисла и многу изразен, а сепак често ироничен интерес за секојдневни сцени, конфликти и луѓе. Како писателка ангажирана во поетиката на телото, нејзините дела се сметаат за дел од „женското писмо”. Од нејзината прва збирка раскази објавена во 2006 година, таа се вбројува во најдобрите современи писатели во Централна Европа. Кристина Тот живее во Будим-пешта, каде покрај пишувањето и преведувањето поезија, дизајнира и произведува витражи. Во 2009 година ја добила наградата „Лауреат”, едно од најголемите признанија во унгарската книжевност.