Паула Бозалонго е родена на 15 април 1991 година во Гранада, Шпанија. Студира архитектура во Мадрид. За нејзината книга Декември и се бакнавме е добитник на престижната награда на едицијата „Хиперион“ во Шпанија, која веќе 30 години се доделува за поетски ракопис од млад автор. Нејзините песни се објавени во значајни книжевни списанија, не само во нејзината родна земја, туку и во други земји во светот. Нејзината дебитантска книга Декември и се бакнавме низ 26-те песни поделени во два дела донесува поетски јазик од кој зрачи особен сензибилитет, необременет од некаква вратоломна реторика, експериментален или метафоричен израз. Тоа е поезија која носи рефлексии на извесни несигурности и стравови, неодлучности во потрагата по блискост. Тоа ни најмалку не е некаква старомодна сентименталност, туку одухотворен израз на интимноста кој носи искреност изразена на еден особен начин, полна со евокативни слики натопени дури и со влијанијата на архитектурата.
[su_accordion]
[su_spoiler title=”Паула Бозалонго” style=”fancy”]
Лирскиот субјект одразува еден интимен лирски темперамент низ елегантните и смели измени на поетските слики, низ еден елегичен тоналитет во кој се случуваат нивните постојани преобразби. Спокојниот тон на оваа само-рефлексивна лирика одеднаш го нарушуваат контрапунктни слики кои понекогаш донесуваат спротивставеност и зачуденост, и делуваат како емотивна каденца во текот на песната. Ваквото поетско обликување ѝ овозможува на младата поетеса да ги впрегне во песната сите реминисценции, алузии, емотивни изблици, сеќавањата, сомнежите и стравовите низ вештите измени со приказната и исповедноста и да создаде исклучително сугестивна лирика која го предизвикува читателот со постојаното нарушување на таквиот доверлив тон преку постојаните јукстапозиции на сликите.
Оваа поезија извира од таа верба во трансформирачка моќ на емоциите кои ги натопуваат поетските слики во тежнение повторно да ја откријат и да ја изменат внатрешната логика на времето и просторот. Оттаму таа потрага по љубов, по блискост е потенцирана преку отсликаните претстави на простори и предмети кои го содржат студенилото и оттуѓеноста, и е проткаена во песната како еден пригушен плач во бурата („Престижот на плачот“).Тие интроспекции на разочарувањата, копнежите и мечтаењата стануваат контемплативни слики кои содржат и геометриски форми и структури, архитектонски метафори, како на пример во песната „Геометрија“ каде во еден кубистички манир ги исцртува силуетите на саканиот со триаголници, трапезоиди, кругови и елипси. „Ми недостасуваат димензии / за да го објаснам светот“, како што самата вели во својата песна, навестуваат ново име чие поетска потрага по ново поетско писмо со сигурност ќе донесе поетски творби кои ќе го привлечат вниманието на европската и светската книжевна јавност.(Од образложението на одлуката на СВП по повод доделувањето на наградата „Мостови на Струга”) [/su_spoiler]
[/su_accordion]