Роден на 3 октомври 1949 година во Штип. Завршил југословенска книжевност со македонски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Работи како новинар. Бил генерален директор на Новинската агенција Танјуг. Бил и главен уредник на меѓународното списание Балкан форум во кое свои прилози објавуваа Гинтер Грас, Чеслав Милош, Јосиф Бродски, Ханс Магнус Енцесбергер, Лешек Колаковски, Адам Михник и други врвни интелектуалци од целиот свет. Од 1997 година е директор и главен уредник на националната телевизија Телма.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1972 година. Претседател е на Македонскиот ПЕН центар.

Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија: “Млад борец” (1972), “13 ноември” на градот Скопје (1980), наградата на МРТВ за најдобра книга за деца меѓу две Струшки вечери на поезијата (1987), наградата “Ацо Шопов” на ДПМ за најдобра поетска книга (2006) наградата “Браќа Миладиновци” на СВП (2008). Во 2000-та година беше лауреат на Празникот на липите во Скопје, а во 2010 година е награден со Книжевното жезло и со наградата Велја кутија на Македонските духовни конаци.

Пишувал театарска критика, а објавил и повеќе препеви, критики и есеи. Досега на македонски јазик ги објавил следните книги поезија: Ноќна птица во паркот (1972), Јана (1980), Грозен кикот (1983), Капки кисела вистина (1985), Лет(о) преку океанот (1988), Горјан во Дорјан (1988), Одрони, избор (1988), Точка на вриење (1990), Од Битола појдов (1993), Одвајнадежна (1993), Силјан штркот уште еднаш ја облетува Македонија (1995), Јаве, избор (1998), Херакле (1998), Колумбо (2000), Тројца за преферанс (2001), Одмолчена (2003), Ненадејна (2005), Чехопек (2006,2007), Среде (2008), Жива рана, избор (2008), Сонот на коалата (2009), Избрани дела во четири тома (2009), Поезија, избор (2010), Кревалка (2011), Ситночекорка (2012).

На странски јазици му се објавени следните книги:  Siljan the Stork Flies Over Macedonia Once Again (1996), История болезни (Москва, 1996), Јавне песме (Просвета, Београд,2003), Силян  Щьрка още ведньж лети над Македония (Софија, 2006), Е Beftë  (на албански,2006), Herakleј (Љубљана, 2006), Cechovabeni (Брно, 2007), Shoes for My Father, Перт, Австралија (2010);

Циклуси од поезијата на Ристо Лазаров се објавени на германски, француски, шведски, турски, романски, унгарски и други јазици. Застапуван е во сите релевантни антологии на современата македонска поезија.

Преведува од англиски, српски и бугарски јазик. Превел книги поезија од Чеслав Милош, Карл Сандберг, Георги Константинов, Абдулах Сидран, Горан Бабиќ и други автори.