Роден во Гостивар на 23. 8. 1945 година. Поет, литературен критичар, есеист и преведувач. Основно образование завршил во Галичник, гимназија учел во Скопје и во Гостивар, а дипломирал на Филолошкиот факултет на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Работел како новинар во весниците Студентски збор, Вечер и Нова Македонија, во Радио Скопје, како уредник на Културна редакција и на Секторот за култура, литература и за уметност, а бил и заменик одговорен уредник на Радио 2000 и уредник-коментатор во Македонското радио. Учествувал во уредувањето на списанијата Белези и Разгледи. Бил главен уредник на ревијата на ДПМ Стожер, член (од 1969), секретар и претседател на Друштвото на писателите на Македонија и член на Советот на СВП. Основач е на Книжевната колонија во Галичник. Бил претседател на Собранието на ДПМ. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Дела: Ноќ во која те нема (поезија, 1969), Ноќен часослов (поезија, 1971), Сердарски болести (поезија, 1975), Ѕвезда во човек (поезија, 1981), Јадро (поезија, 1984), Праг (поезија, 1988), Маѓосна меѓа (поезија, 1989), Прониз (поезија, 1994), Дарови (поезија, 1994), Галица (поезија, 1996), Будна куќа (поезија, 1998), Песни (1998), Критички видувања (есеи и критики, 1998), Глас крепител (поезија, 2000), Обден (поезија, 2002). Коавтор е на публикацијата Литературен преглед (осврти и прикази, 1980-1985).