Будењето е обврска:
три поколенија секое утро ги отвораат очите
во мене.

Првото е едно остарено дете; татко ми;
судбината и облеката секогаш ги бира еден број помали.

А потоа дедо ми. Во негово време, не постоел зборот „дијагноза“.
Тој просто умре од очај шест месеци по смртта на жена му.
И без задоцнување. Над нивните тела,
кренаа фабрика за изработка на униформи за растоварачи.

А на прадедо ми, ако некогаш постоел,
ни името не му го знам. Тука памтењето доживува крах, –
селското потекло исечено како тврдите
и пожолтени нокти од работа в поле.

Сите тројца наведнати како шума врз мене
и ми диктираат што треба да правам
а што не треба.

Си ме слушнал да речам „добро утро“
ама или било слон што лупал по пијано
или се парале шевовите од сакото на татко ми.

Навистина, татко ми, неговиот татко, и неговиот татко
не се трудат да сменат ништо
ниту одбиваат да се смени нешто; свежи се и чисти
измиени со сапунот на ефемерноста.

Едноставно сакаат да го допрат светот преку мене
како што пластични ракавици
милно го допираат доказот
на местото на злочинот.
Превод од албански јазик Ресул Шабани