Од ждрелото на змејот

лее балтска вода. Бронзената шепа блеска.

Острорабиот тек со камшик пространството го треска

и испарува

над школката на водоскокот.

Јазлите на споменот не туку така зацелуваат,

а познатите облаци над Копенхгаген тргнуваат,

гледајќи кон југ,

 

по левата страна,

во придружба на ламаринените кровови, скастрените липи со калливи петна,

и стоте илјади велосипеди. Одекот што в миг летна

зад пристанишната врата,

изникна таму.

Астрите се мокри. Поткровјата се перчат со гераниуми од црвена лика,

извиената лаѓа го заробила плочникот што од каналот вика,

а чии води

 

се крајно матни. Може да се рече дека

само статуите можат да ја победат есента. Мокриот крал

му подава рака на бискупот. Буквите и крстовите, длабени во пиедестал,

трпеливо ги гризе

ништовната саламура,

зашто ете ја историјата е пред крајот. Земји и држави исчезнуваат.

Го начули увото и слушна: од север октомври иде, наближуваат,

тој зад себе и зимата ја води.

 

Над аголот на улицата

една млака неонка свети. Патник покрај својата торба стои,

гледа кон плоштадот на Света Ана, ги допира дрвјата, се дума и брои,

кој ли е овој град, зашто, ете, во воздухот го чувствува

домашниот црн вкус. Една едрилицата во пристанот тропка

и едно северно име – од согласки набиена топка–

мазно се истркалува од устата.

 

Цврстата штукатура

исцртала распнат слачец, ѕвездести листови и ситни цветови.

зад Тиволи се отвора татнежот на железничките светови,

овие возови си го знаат своето

време.

Под зениците го нема она за што велиме дека е убавина,

туку песок измешан со вар, силуета на лице, видикова линија,

допир на рака.

 

Ветрот расте

а ти се бориш со рамо се туркаш со него.

и се трудиш да нацрпиш од познатата сол и песок,

но во таинствениот бунар опаѓа нивото,

и како секогаш благодариш за егзилот свој

и со готовина плаќаш за изборот твој.

Нема да се вратиш дома,

 

зашто секој твој атом

веќе одамна се обновил. Преместената свест,

како во фиока се тркала околу јазикот. Начин, придавки што потпевнуваат,

негации,

слепотија

на бесконечното членување, преполни реченици, и, понекогаш нема,

небаре тебе непозната, болка, здивот што го одзема,

и тишина.

 

Снопот зраци од сонцето

го крунисуваат спиралниот столб. Свртуваш околу ѕидот,

небаре дуваш в свеќа. На барокот стилот

мора да падне под налетот на просторот,

и наместо тулите,

зад грмушките и јаловите ниви, песок ги полни рушевините

на маре, пелагос, таласа, морето, единственото море,

ширно како Стикс.

 

Над сртовите

на амбисите и над распенети вртлози,

се пласти олово, претскажувајќи меќава и заборав.

Од рамната земја базди

на бедна руда,

a радиото затајува. За татковината останува – според кажаното,

само уште безгласната закана, ураниумскиот кит, заринкан

на песочните дини.

 

Засега си жив.

Гранитот предводи; со шлагвортот на врбите

миг пред пладне, паркот го стресува жолтото лисје,

барометарот ја стега својата канџа

над болскотот на длабочина.

Студот гризе до коска. Не помага ни џемпер

ни капут,

Категат дише магла, на Телемарк се гледа прт,

а смртта си останува смрт.

 

После сè – ова: да се биде свесен за звукот на точниот воз,

да се допре туѓо лице, раце на шини,

кога по грешка, целиот речник

се сообразува со заменката „ние”.

Сланата од магнезиум ги осветлува послужавникот, перницата, чаршавот,

а патникот ги стега забите и со роптање исфрла семе,

длабоко во измачениот скут.

 

 

Никогаш

повеќе нема враќање дома. Да се затвори човек, да исчезне,

да се откаже она што мора да се откаже,

и она што треба да дојде,

трагите од претходниот бунт.

Срцата не престанаа да бијат, колку и срамно и погрешно било тоа,

а невиниот лелек на сирената во валканата ноќ остана троа,

таму, на другата страна на тесниот Оресунд.