Го открив нејзиниот глас само

кога прозборе на јазик кој го разбирав.

 

Но неважно.

Испуштаме корења претворени во јазик.

 

(Името можеше да ми е

четирисложно на тој јазик,

можеше да сјае толку добро

проследено од хабибти[1]).

 

Поневажно тоа што го кажуваш ако го кажуваш

на италијански,

ако го кажуваш

на исландски.

 

Египќанката која со лева пишува пред мене

е небаре одраз в огледало.

 

Вајаме со пепелта на сè што еден ден

изгоре во пламени јазици.

 

Во секој случај, низ цел свет, ние пишуваме кон крајот

а другите кон средината.

 

Оти носиш полка на работ на усните

ќе мора да се научат нови танцови чекори.

 

Но неважно.

Сите прегратки се

преводи.

 

Превод: Никола Ѓелинчески

 

 

[1] Женска форма на хабиби, која на арапски значи моја љубена. (Заб. на прев.)