IMG_6482Поетски портрет на лауреатот на Струшките вечери на поезијата од 1997 година, сиријско – либанскиот поет со светска слава Адонис, поетска вечер посветена на мексиканската поезија и „Поезија на пат“ беа дел од синоќешните активности на 54. издание на Струшките вечери на поезијата.

По осумнаесет години во поетска Струга повторно се славеше творештвото на најголемиот современ арапски поет, кое претставува сјајна лирска синтеза на Истокот и на Западот, еден нов литературен израз и толкување – Адонис. Неговиот пријател Паскал Гиновски оцени дека Адонис сосема заслужено се наоѓа на врвот на поетскиот Олимп, а неговите стихови толку смело се оттргнати од челичните стеги на традиционалната арапска поезија. Неговата поезија, додаде Гиновски, триумфално го почна својот незапирлив поход кон сите светски меридијани, пулсирајќи со таква силина и елан, што од ден на ден од својот автор создаваат жива поетска легенда.

Промоторот на поетскиот портрет на Адонис, академикот Влада Урошевиќ посочи дека фестивалот СВП ја црпе својата сила од вербата дека поетската реч може да влијае и да ја промени човечката суштина.

Многумина кои биле тука, на овие незборавни фестивалски денови, со нескриено чудење се прашувале како една мала земја може да биде толку голема, за со такви незборавни свечености да ја празнува поезијата? Оваа година одбележуваме еден голем јубилеј – 50 години од востановувањето на најголемата светска награда за поетско творештво – „Златниот венец“. Најголема е заради исклучителната листа на поети кои биле наградени со неа, листа на кои се нашле, сега веќе класисците на поетската уметност од втората половина на 20- тиот и почетокот на 21-от век, посочи Урошевиќ.

Пред интернационалната публика во поетска Струга четворицата мексикански поети, Марио Бохоркес, Али Калдерон, Михаил Ламас и Хавиер Гутиерез Лозано ја претставија антологијата на современата мексиканска поезија „Златни нишки“, како и дел од своето творештво.

IMG_6524

Во антологијата се претставени различни сензибилитети на поети чие творештво се протега повеќе од половина век. „Златните нишки“ не е само книга, колку што е калеидоскоп во кој се преклопуваат културни и тематски планови. Преку антологијата се воспоставува цврста и длабока врска со традицијата, културата и духот на Мексико, со што се обележува најзначајната мексиканска поезија на ова време.

Али Калдерон еден од двајцата приредувачи на антологијата, која е почеток на плодотворна соработка меѓу Струшките вечери на поезијата и Интернационалниот поетски фестивал во „Којоакан“, во Мексико Сити говореше за поезијата на Октавио Пас.

– Октавио Пас беше еден од најголемите поетски генијалци во светот на 20 век. Тој му покажува на светот, начин како да се пишува модерна поезија. Да се биде модерен значи да се даде одговор на најбитните прашања во ова модерно време. Прашањето е, што сакам да кажам, кога ќе кажам јас. Поезијата после Октавио Пас ја покажува длабочината, го покажува културализмот, суштината и вистинитоста, рече Калдерон.

„Поезијата на пат“ почна да се реализира годинава во неколку градови на различни локации на отворено, односно истовремено читање поезија имаше во Струга, Охрид, Битола, Ресен и Скопје. Поетите имаа можност да посетат културно – историски споменици, да се запознаат со знаменитостите, културата, но и да вкусат специјалитети карактеристични за градот.