Научивме дека сме родени од камења, дека последните
маж и жена што ја преживеале поплавата се застојале со сплавот
врз рамената на една планина и гледале преку водата
која веќе проголтала сè.

Со денови немало брег на видик, дури водата
не си ги собрала усните и крошните од дрвјата ги ослободила
мажот и жената слегувале, надолу по падината,
а стапалата им го допирале работ на водата,

рацете им биле полни со коски од земјата, косите долги
и лелеави до половина. Фрлале камења зад нив
и од раката на мажот камен паднал и пораснал во
друг маж и од раката на жената

камен паднал и пораснал во друга жена и така растевме,
очите наши ко кремен и устите наши со вкус на земја.
Од камен бевме родени и судба ни беше да живееме
ко камења, да се грееме на сонце,

да пукаме штом температурите паднат, рековме дека има
и нешто од морето во нас, но за ова, ко и за многу други работи
излажавме, никогаш немавме вода во срцата, носевме камења
по џебовите, ги носевме в раце.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски